Како мал станбен простор да изгледа визуелно поголем ?

Живеењето во помал станбен простор стана популарен тренд од повеќе причини, а една од главните е тоа што луѓето сакаат да имаат што е можно поедноставно и помалку стресно секојдневие. Доколку се одлучите да живеете во стан со помала квадратура, придобивките ќе ги почувствувате веднаш, односно малите станбени простори имаат поприфатлива цена на пазарот, за краток временски период ќе успеете да го уредите по ваш вкус, ќе заштедите на режиски трошоци и секако, за секојдневно чистење и одржување ќе одвојувате мал дел од вашето време.

 

Генерално, малите домови можат да бидат убава и практична опција во однос на големите куќи или станови од по неколку стотици квадрати, но како и за сѐ друго, така и малите простории имаат негативни страни.

 

Еден од најголемите недостатоци кај малите станови, е тоа што со текот на времето, самиот простор станува затрупан со многу детали, бои и украси и се создава пригушена атмосфера.

 

Главната работа што треба да ја запомните при дизајнирање мала соба е да се осигурате дека сите тонови се држат до истата палета на бои, односно да користите монохроматски нијанси - со што се создава свеж и пријатен простор.

 

Декоративните огледала имаат огромна моќ и играат важна улога, доколку имаат правилна поставеност, дефинитивно ќе ви помогнат дневната соба или ходникот, да добие визуелно многу поголем и посветол простор.

 

Исто така, важно е да изберете мултифункционален мебел кој не зафаќа многу простор, а сепак ќе се прилагодува на сите ваши потреби. Поставете неколку вертикални полици кои ќе служат и за декоративни украси, но и за складирање секојдневни предмети од домаќинството.

 

Уште еден трик за да ослободите простор во вашата дневна соба е да поставите шанк наместо трпезариска маса, со тоа ќе добиете полуксузен изглед и поголема комоција.

 

Дизајнерите често советуваат минимализмот да биде во фокус кога уредувате стан со мала квадратура.